Соопштенија

Поведена постапка против три лица за вршење изнуда

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица поради постоење основано сомнение дека сториле кривични дела – Изнуда од член 258 став 2 во врска со став 1, Противправно лишување од слобода од член 140 став 5 во врска со став 1  во врска со член 22 од Кривичниот законик,  а за еден од осомничените  и за сторено кривично дело – Недозволено изработување, држење, тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените во состав на група и по претходен договор, со намера да прибават за себе противправна имотна корист, во периодот од месец октомври 2018 година до 5 јули 2019 година употребиле сериозна сила и закана со  огнено оружје,  присилувајќи две лица  во повеќе наврати на штета на сопствениот имот да им даваат парични средства, како и да  потпишуваат фиктивни задолжувања од кои потоа во постапка за извршување им предадат и недвижен имот.  Еден од осомничените во станот во кој престојувал, неовластено без одобрение и дозвола од надлежен орган држел огнено оружје – пиштол.

Надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи  за обезбедување присуство на осомничените, заради што до судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за тројцата  осомничени.