Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 годишен жител на с.Синѓелиќ, Скопје, поради постоење на основано сомнение дека ги сторил кривичните дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
При извршен претрес на 21.12.2020 година, во 12.30 часот, во семејната куќа на осомничениот, во помошна просторија – гаража во вградени специјални бункери во бетонскиот носач, службените лица пронашле наркотична дрога – хероин спакувана и обвиткана во различни пакувања во вкупна грамажа од 4070,4 грама и наркотична дрога – кокаин спакувана во различни пакувања со вкупна тежина од 864,98 грама. Осомничениот заедно со дрогата која ја држел неовластено заради продажба, криел и една дигитална вага DIGITAL SCALE. Во бункерот било пронајдено и оружје и муниција од поголемо количество и тоа вкупно 235 куршуми во различен калибар и тоа 150 куршуми калибар 9мм Luger спакувани во различни кутии, 44 куршуми калибар 357 и 19 куршуми калибар 9мм, како и еден пиштол марка HS со една рамка со 16 куршуми калибар 9 мм, еден револвер марка МАГНУМ 357, како и 7357 М 83/94 ZASTAVA со шест куршуми калибар 357 MAGNUM.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот, па со Решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.