Соопштенија

Поведени истраги против двајца дилери на марихуана од Скопје, кај едниот пронајдена и муниција

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 32-годишен жител на Скопје, кај кого, во изнајмена барака, била пронајдена импровизирана лабораторија за одгледување марихуана.

При претрес во бараката била пронајдена вреќа со исушени цветови, листови и гранки од растението канабис со вкупна тежина од 922 грама, како и 3 саксии со засадени стебла. Освен ова, во различни помали пакувања биле пронајдени уште 505,4 грама марихуана, дигитални ваги и друга опрема за одгледување на растенијата.

Јавниот обвинител против осомничениот поведе истрага за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик, а со оглед на тоа што оцени дека се исполнети законските основи, до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

При претрес во домот на 33-годишен жител на Крушопек, пак, полицијата пронашла 962 грама наркотична дрога – марихуана, како и  19 куршуми со калибар 7,62Х39 мм.

Јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка и за ова лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривични дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1, како и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи согласно член 396 став 1 од Кривичниот законик.

До судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Со решенија на надлежниот суд на двајцата осомничени им е определена мерка куќен притвор.