Соопштенија

Предлог за казнени платни налози за 23 лица и за две лица условни осуди за непочитување на полицискиот час во Гевгелија

Основното јавно обвинителство-Гевгелија до Основниот суд во Гевгелија достави предлози за издавање на казнен налог против 25 лица кои спротивно на забраната за движење за време на полицискиот час, без дозвола пеш или со возила се движеле низ Гевгелија, Нов Дојран, Богданци и нивната околина.

Во 21 одделен кривично правен настан, непочитувајќи ја забраната за движење дваесет и петмината обвинети го сториле кривичното дело – Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија предвидено и казниво по член 206 став 1 од Кривичниот законик. Најголем број, десет лица од обвинетите се од Богданци, пет од Гевгелија, четири лица од Скопје и по едно лице од Демир Капија, Валандово, Велес, Куманово, Босилово и Конче.

Обвинителството за 23 обвинети побара од судот сите да ги огласи за виновни и да им изрече парични казни во износ од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да изнесува 10 евра во денарска противвредност. За двајца обвинети, на возраст од 73 и 76 години, кои биле затекнати во алкохолизирана состојба како се движат за време на полицискиот час, едниот со мопед, а другиот со патничко моторно возило, обвинителството му предложи на судот да им изрече алтернативна мерка – условна осуда со утврдена казна затвор во траење од три месеци која нема да се изврши доколку лицата не сторат друго кривично дело во рок од една година по правосилноста на пресудата.