Соопштенија

Предложен притвор за лице осомничено за насилство во скопски ресторан

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Насилство според член 386 став 6 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Постои основано сомнение дека 40-годишниот скопјанец, на 28 ноември во ресторан на улицата „Лондонска“, најпрвин започнал вербална расправија со едно лице, а потоа и физички го нападнал. Кога неколку други лица се обиделе да ги раздвојат, осомничениот извадил нож на расклопување и на едно од присутните лица кои се обидувале да го оттргнат му нанел четири убодни рани со кои му предизвикал тешки телесни повреди на градниот кош и на раката.

Кај останатите присутни во ресторанот осомничениот предизвикал чувство на страв, загрозување и несигурност.

Надлежниот јавен обвинител оцени дека во конкретниот случај постои опасност осомничениот да се даде во бегство, да го повтори делото или да влијае врз сведоците во постапката, па до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.​