Соопштенија

Предложен притвор за осомничен за разбојништво со смртни последици во скопското село Глуво

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 52-годишен жител на Прилеп поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело – Разбојништво од член 237 став 5  и став 4  во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, заедно со уште две други лица кои до овој момент не се идентификувани, на 08.11.2021 година преку терасата влегле во семеен дом во скопското село Глуво, маскирани со качулки и ракавици на рацете. Ги забележала сопственичката на куќата, која веднаш го викнала сопругот. Еден од сторителите започнал да ја удира со тупаници и клоци, а сега осомничениот со другото лице влегле во собата во која бил сопругот и исто така започнале да го удираат, соборувајќи го на земја.

Тројцата разбојници претурале и кршеле, пребарувајќи ја целата куќа, барајќи пари и вредни предмети. За цело време ги измачувале двајцата оштетени сопружници – жената ја боделе во стомакот со кујнски нож, а на мажот му нанеле тешки телесни повреди и како резултат на обилно внатрешно крварење во мозокот тој починал на 19.11.2021 година.

Осомничениот и неговите соизвршители одзеле 30.000 денари, шест златни прстени и две златни алки, по што избегале од местото.

Осомничениот, веднаш по настанот, избегал во Швајцарија, од каде се вратил во земјава на 11 септември годинава и е уапсен непосредно по неговото лоцирање. Се работи за лице – сторител на повеќе кривични дела, меѓу кои и уште едно разбојништво со смртни последици, за кое бил осуден и издржал казна затвор од 15 години.

Од тие причини, опасноста од бегство и можноста да го повтори делото или да влијае врз постапката во обид да ги прикрие доказите или своите соучесници, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор на осомниченото лице.