Соопштенија

Предложен притвор за предизвикување општа опасност со намерно опожарување на возилата на бугарската амбасада во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 44-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик.

На 15 јуни околу пладне, на булеварот “Митрополит Теодосиј Гологанов” во Скопје, пред Амбасадата на Реублика Бугарија, осомничениот со пожар предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери.

На критичниот ден тој излегол од дома, се качил во автобус и дошол во Центар, па од бензинската пумпа во близина на бугарската амбасада наполнил бензин во пластично шише.

Потоа ја преминал улицата и се доближил до двете паркирани дипломатски возила во сопственост на Амбасадата кои ги полеал со бензинот и ги запалил со запалка. Веднаш откако го предизвикал опожарувањето го напуштил местото на настанот.

Имајќи го предвид видот, карактерот и тежината на предметното кривично дело, фактот што било извршено врз две дипломатски возила на пладне, во центарот на Скопје, во период кога фреквенцијата на луѓе и возила во овој дел на градот е голема, јавниот обвиниел оцени дека постојат очигледни околности што укажуваат дека постојат условите за определување на мерката притвор и предложи на Судот да определи таква мерка за обезбедување во текот на постапката.