Соопштенија

Предложени мерки во два случаи на семејно насилство во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 56-годишник подолг временски период психички и физички ја малтретирал сопругата и нивните две деца на возраст од 18 и 15 години. Иако постојано манифестирал агресивно однесување, домашните од страв не го пријавувале, се додека 15-годишната ќерка, не можејќи да ги издржи заканите, навредите и притисокот од таткото, се обидела да си го одземе животот.

Постапка е поведена и против 33-годишен скопјанец, кој при вршење семејно насилство телесно ја повредил сопругата. На 20 јуни, во возило ја влечел и се заканувал на жената, а во еден момент сакал да ја удри со стаклено шише. Оштетената во возење ја отворила вратата и скокнала од возилото, а осомничениот застанал и се обидел на сила пак да ја внесе внатре. На жената и нанел телесна повреда, што е казниво според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Во двата одвоени настани, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување повеќе мерки на претпазливост кои вклучуваат: забрана на осомничените да го напуштаат живеалиштето, обврска да се јавуваат во судот, привремено одземање на патните исправи, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетените и забрана за посетување на локациите каде тие се движат.