Соопштенија

Предложени парични казни за употреба на фалсификувани потврди за ПЦР тестови

Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот суд поднесе предлози за издавање казнени налози против вкупно 12 лица заради кривично дело – Фалсификување исправа согласно член 378 став 1 од Кривичниот законик.

Во одвоени кривично-правни настани, обвинетите го сториле делото така што на пасошката контрола на Меѓународниот аеродром Скопје, при излез од државава, прикажале лажни потврди за негативни ПЦР тестови за SARS-CoV-2 вирусот. Иако воопшто не се тестирале во наведените лаборатории во Скопје и знаеле дека потврдите се лажни, тие ги прикажале сертификатите како вистински пред овластените службени лица.

Надлежните јавни обвинители на Основниот кривичен суд Скопје му предложија за сите обвинети да определи парични казни од по 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противвредност.