Постапувајќи по поднесени кривични пријави, Основното јавно обвинителство Битола денеска поднесе предлози за издавање казнени налози против уште пет лица за сторено кривично дело – Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите, во три одделни настани, постапиле спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија и биле затекнати од полициски службеници како се движат на различни локации без притоа да поседуваат дозвола за тоа. Двајца од обвинетите се движеле пеш низ градот на 26 април, додека останатите тројца на 25 април во 23:15 часот биле затекнати во внатрешноста на објектот „Трикотажа Пелистер“ АД Битола – во стечај.
Јавниот обвинител на Основниот суд Битола му предложи на секој од петте обвинети да му изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби при што вредноста на една дневна глоба да се определи во висина од по 20 евра во денарска противвредност.