Соопштенија

Предложени санкции за непочитување на здравствените прописи во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе предлози за издавање казнени налози против 11 лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Десетмина од обвинетите делото го сториле со непочитување на важечкиот полициски час. За време на определената забрана како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, тие биле затекнати како без дозвола се движат на различни локации во градот.

Еден обвинет не постапил согласно решението на Државниот санитарен и здравствен инспекторат со кој му била определена задолжителна изолација и лекување во домашни услови. При извршена контрола, полициските службеници не го затекнале во неговиот дом на булевар „Борис Трајковски“ во Скопје.

За сите обвинети надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог да им бидат определени парични казни од по 100 дневни глоби при што висината на една дневна глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противвредност.​