Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против битолчанец за кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик и поднесе предлог за определување на мерката притвор за осомничениот.
Наредбата за спроведување на истражна постапка е донесена заради постоење на основано сомнение дека осомничениот на 07.06.2021 година во неговиот дом во Битола, неовластено заради продажба држел 11 полиетиленски опаковки и 1 стаклен сад со наркотична дрога – кокаин, во вкупна количина од 9,77 грама. Тој претходно ја набавил дрогата од Скопје, за подоцна да ја препакува и нуди на продажба на наркозависници во Битола. Дрогата е пронајдена при претрес од полициски службеници од СВР Битола.
Јавниот обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Битола достави Предлог за на осомничениот да му биде определена мерка притвор бидејќи постојат околности што укажуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство, би можел да влијае на сведоците, како и доколку остане на слобода да го повтори делото. Судијата на претходна постапка донесе Решение со кое определи притвор, во траење до 30 дена за осомничениот по предложените основи.