Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Во домот на осомничениот 37-годишник, на улица „Народен фронт“, при претрес на 16 ноември, биле пронајдени 943,59 грама марихуана, 302 таблети екстази, како и 20 грама амфетамин. Притоа биле запленети и парични средства стекнати со продажба на дрога.
Поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците и да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.