Соопштенија

Промоција на Националната стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023

Денеска беше одржана промоција на Националната стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023, на која свое обраќање имаа јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески, вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, човечки ресурси и одржлив развој Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

Националната стратегија е резултат на повеќемесечна работа на државните институции кои заеднички се заложија за создавање документ кој ќе претставува водилка во борбата со корупцијата и криминалот и основа за развивање на институционалните капацитети коишто учествуваат во процесот на финансиски истраги и конфискација на имот произлезен од кривични дела.

„Стратегијата и Акцискиот план се важен исчекор во борбата против криминалот и се очекува да придонесат за зајакнување на координацијата помеѓу надлежните институции за водење на финансиски истраги“ посочи Јовески во своето обраќање. Притоа истакна дека за да се остварат целите, неопходно е институционално и кадровско зајакнување на капацитетите на органите надлежни за водење на финансиски истраги, како основен предуслов за ефикасни финансиски истраги, како и дооформување на правната рамка која претставува услов за надминување на проблемите во практиката во однос на финансиските истраги и конфискацијата, преку измени во Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка.