Соопштенија

Предадени во употреба новите простории на Основното јавно обвинителство Куманово

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески и Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Куманово Теута Бедиу – Рамадани денескa ги пуштија во употреба новите простории на Основното јавно обвинителство Куманово, опремени со средства од фондовите на Европската унија.

Од денеска кумановското обвинителство е сместено на третиот кат во зградата на Основниот суд Куманово, со значително подобрени просторни услови за функционирање.

Во рамките на истиот проект финансиран со средства од ИПА-фондовите на Европската унија, подобрени се просторните услови во вкупно 11 основни јавни обвинителства. За Основните јавни обвинителства во Струмица, Битола и Куманово беа обезбедени и опремени целосно нови простории, додека постоечките простории на Основните јавни обвинителства во Велес, Кичево, Штип, Кавадарци, Охрид, Гостивар, Тетово и Кочани беа реновирани.

„Со ова, условите во кои јавните обвинители ја извршуваат функцијата значително ќе се подобрат. Со проектот за реконструкција се опфатени просториите на половина од обвинителствата во државата, а општо познато е дека многу од обвинителствата имаа несоодветни услови за работа и дека во дел од обвинителствата дури условите беа многу тешки“, изјави Јовески.

Со одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија од 1 март во кумановското обвинителство ќе започне да функционира и истражниот центар, за што е обезбедена посебна канцеларија во која ќе бидат сместени истражителите.

„Можам да кажам дека станува збор за историска промена, затоа што свесни сте во какви услови работевме. Сега добивме повеќе канцеларии и конференциска сала“, рече Бедиу-Рамадани.

Функционирањето на истражниот центар, пак, значително ќе придонесе за зголемување на ефикасноста во постапувањето на Основното јавно обвинителство – Куманово.

 

ФОТОГАЛЕРИЈА

ВИДЕО