Во рамки на билатералната соработка, денеска Јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески одржа работна средба со Државниот главен јавен обвинител на Република Словенија, Драго Шкета. Зајакнување на соработката во областа на владеење на правото преку размена на искуствата од двете држави, беше тема на која разговараа државните обвинители и членовите на делегациите од двете обвинителства.
На средбата беше презентирана програмата на Меѓународната развојна соработка на Република Словенија, во чии рамки се одвива проектот „Поддршка на Македонија во Поглавјето 24 – финансиски истраги“. По покана на словенечките колеги, во проектот ќе бидат вклучени и јавните обвинители од Македонија со цел зајакнување на капацитетите и продлабочување на соработката во финансиските истраги.