Претставници на Јавното обвинителство предводени од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески вчера остварија работна средба со претставници на Државниот завод за ревизија предводени од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, во рамки на проектот „Поддршка за имплементација на комуникациската стратегија на Државниот завод за ревизија 2018-2022 година“, кој Државниот завод за ревизија го реализира во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер и Институтот Ресис.
Целта на одржаната работна средба претставува имплементацијата на Комуникациската стратегија на Државниот завод за ревизија која во оваа фаза е фокусирана на структурирање и подобрување на комуникацијата и соработката со Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и останатите надлежни институции, со што ќе се обезбеди доследно остварување на законските надлежности.
На состанокот беше презентиран нацрт – протоколот за комуникација помеѓу двете институции кој треба да придонесе за зајакнување на комуникацијата и соработката, за што претставниците на двете институции изразија подготвеност за интензивирање на активностите.
Работната средба резултираше со заклучоци во насока на номинирање лица од двете институции за остварување побрза и поефикасна комуникација, иницирање едукативни настани за ревизорите и обвинителите како можност за размена на искуства и знаења, заедничко дефинирање на форма во која ќе бидат посочени наодите и утврдени состојби од Конечните ревизорски извештаи по кои согласно законските надлежности треба да постапува Јавното обвинителство, како и потпишување на Меморандум за соработка.