Настани, Соопштенија

Работна средба за зајакнување на соработката меѓу Јавното обвинителство и Државниот завод за ревизија

Претставници на Јавното обвинителство предводени од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески вчера остварија работна средба со претставници на Државниот завод за ревизија предводени од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, во рамки на проектот „Поддршка за имплементација на комуникациската стратегија на Државниот завод за ревизија 2018-2022 година“, кој Државниот завод за ревизија го реализира  во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер и Институтот Ресис.

Целта на одржаната работна средба претставува имплементацијата на Комуникациската стратегија на Државниот завод за ревизија која во оваа фаза е фокусирана на структурирање и подобрување на комуникацијата и соработката со Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и останатите надлежни институции, со што ќе се обезбеди доследно остварување на законските надлежности.

На состанокот беше презентиран нацрт – протоколот за комуникација помеѓу двете институции кој треба да придонесе за зајакнување на комуникацијата и соработката, за што претставниците на двете институции изразија подготвеност за интензивирање на активностите.

Работната средба резултираше со заклучоци во насока на номинирање лица од двете институции за остварување побрза и поефикасна комуникација, иницирање едукативни настани за ревизорите и обвинителите како можност за размена на искуства и знаења, заедничко дефинирање на форма во која ќе бидат посочени наодите и утврдени состојби од Конечните ревизорски извештаи по кои согласно законските надлежности треба да постапува Јавното обвинителство, како и потпишување на Меморандум за соработка.