Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески денеска се обрати на отворањето на Регионалната експертска средба посветена на зајакнувањето на прекуграничната соработка и заштитата на странските жртви на трговија со луѓе во Западниот Балкан, што во организацијата на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (УНОДЦ) се одржува во Скопје.
“Трговијата со луѓе е криминал кој во суштина е транснационален, исклучително суров и постојано се развива во нови облици и форми. Затоа секој традиционален и строго национален пристап веќе не е доволен за борба против ваквите криминални дејствија. Криминалните мрежи не познаваат границии ефикасно ги користат правните празнини меѓу државите. Затоа, нашиот одговор мора да биде исто толку брз, флексибилен и единствен”, истакна Савески во своето обраќање.
Тој се задржа на предизвиците при гонењето на вакви кривични дела од аспект на јавното обвинителство, а особено на напорите да се обезбеди ефективна заштита на жртвите кои многу често се странски државјани.
“Тие предизвици вклучуваат јазични и културни бариери, нерешен правен статус на жртвата, лоцирање на дел од доказите во земјата на потекло или транзит, секундарна виктимизација и трауматизација.

На сите овие аспекти треба да внимаваат и јавните обвинители, но и полициските службеници и сите останати надлежни служби кои доаѓаат во контакт со жртвите. На жртвата не смееме да гледаме само како “доказ” или еден сведок во судницата. Жртвите се човечки битија со претрпена тешка траума”, нагласи Савески.
Според него, Западниот Балкан не смее да биде безбедна зона за трговците со луѓе ниту транзитна рута каде човечкото достоинство се продава, а надлежните институции ја имаат моќта и законскиот мандат да го прекинат овој синџир.
Притоа како можности за соработка во таа насока ги наведе формирањето на заеднички истражни тимови, директната размена на информации меѓу надлежните органи и динамични финансиски истраги кои ќе одат и преку границите меѓу државите.