Соопштенија

Се расветлува сообраќајната несреќа кај Кичево во која загинаa три лица

Основното јавно обвинителство – Кичево во вечерните часови вчера заврши со увидот на лице место за случената сообраќајна несреќа на магистралниот пат Гостивар – Кичево, во близина кај с.Букојчани.

До несреќата дошло околу 19 часот,  кога возило Форд ескорт удрило во трактор со приколка, без регистарски таблици, натоварен со поголемо количество дрва. Како последица на ударот тројцата патници на патничкото моторно возило, возачот З.З (1970), како и сопатниците Х.А (2000) и  А.В. (1997) сите од с.Колари ги загубиле своите животи на лице место. Лицето кое управувало со тракторот и уште едно лице патник, двајцата жители на с. Горно Страгомишта, се здобиле со телесни повреди.

Надлежен јавен обвинител презеде неопходни дејствија во насока на утврдување на причините за случената несреќа. Издадени се наредби за вршење на обдукција на телото на починатиот возач на патничкото возило и земена е крв за натамошна анализа од учесниците во сообраќајната несреќа. Дадени се наредби за технички преглед на возилата и за вршење на сообраќајно-техничко вештачење.