Соопштенија

Скопјанец осомничен за илегална продажба на кокаин

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 42-годишник набавил наркотична дрога кокаин од засега непознато лице со намера неовластено да ја препродава.

На 6 јули, во вечерните часови, ставил 13 полиетиленски пакувања кокаин со вкупна нето маса од 5,09 грама во багажниот простор под седиштето на својот моторцикл и во отвори со гумен капак.

Полициски службеници го затекнале додека со моторциклот се движел во Градскиот парк, пред стадионот на АРМ и при преглед на превозното средство ја откриле дрогата и парични средства – 3.000 евра и 5.000 денари за кои постои сомнение дека потекнуваат од илегална продажба на дрога.

Бидејќи постои опасност од бегство и особени околности кои укажуваат дека тој би можел да го повтори делото, а особено фактот што против него веќе е водена постапка и Основниот суд во Гевгелија му изрекол условна казна за поседување помало количество наркотици, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје сега достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.