Соопштенија

Скопјанец осомничен за недозволено поседување оружје и муниција

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, во својот дом на улица „Методија Андонов – Ченто“ во Скопје, неовластено држел оружје и муниција: еден пиштол марка „FEG” со калибар 9 мм Para со рамка со 13 куршуми од тој калибар, еден пиштол KEL-TEC CNC INC со калибар 380 Auto со рамка со 5 куршуми, 17 куршуми револверска муниција со калибар 7.5 mmR, 3 куршуми за полуавтоматско и автоматско оружје со калибар 7,62 Х 25 мм, како и 105 куршуми со калибар 9 мм Para. Оружјето и муницијата биле пронајдени и одземени при претрес на домот на осомничениот на 29 јули.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат на тоа дека осомничениот 22-годишник би можел да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.