Соопштенија

Скопјанец осомничен за поседување автоматска пушка и неколку пиштоли

Основнoто јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

При претрес во домот на осомничениот 41-годишен скопјанец, на 4 април, полициски службеници пронашле оружје кое на граѓаните им е забрането – една автоматска пушка, како и пет пиштоли и делови од оружје.

Бидејќи постојат околности кои укажуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.