Соопштенија

Скопјанец осомничен за разбојништво и тешки кражби

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомневање дека сторил кривично дело – Разбојништво од член 237 став 1, како и две кривични дела – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.

Осомничениот 22-годишник, на 26 септември, на улица „Алжирска“, со употреба на сила одзел предмети од една оштетена. Тој влегол низ влезната врата на куќата на оштетената, се нафрлил врз неа, ја оттурнал и одзел чанта во која имало пари, картици и други документи, со вкупна вредност од 9.000 денари. На излегување, повторно ја турнал оштетената и го напуштил местото на настанот.

Истиот ден, на пешачка патека на улицата „Теодосиј Гологанов“, осомничениот на дрзок начин одзел две ланчиња од една оштетена – златно ланче со приврзок монета во вредност од 6.500 денари и едно ланче бижутерија вредно 2.000 денари. На разминување по патеката, тој со раката насилно и ги грабнал ланчињата кои што оштетената ги носела околу вратот и избегал.

На 30 септември, на автобуска постојка на булеварот „Партизански одреди“, осомничениот на дрзок начин одзел златно ланче вредно 30.000 денари, така што насилно го грабнал од вратот на оштетената и го напуштил местото.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и кои го оправдуваат стравот дека тој би можел да ги повтори делата.