До Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, заклучно со 15:00 часот денеска пристигнаа помал број известувања за случени евентуални изборни нерегуларности. Дежурните јавни обвинители од основните јавни обвинителства будно го следат изборниот процес и со приоритет постапуваат во насока на утврдување на фактите во предметите.
Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет за настан пријавен на 30.10.2021 година во МВР БЈБ ОКП Сектор за економски криминал и корупција како кривично дело – Поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик во општина Шуто Оризари. За настанот во текот на денешниот ден беше доставено писмено известување до ОЈО Скопје.
Јавниот обвинител, со цел да се утврдат фактите, го испита подносителот на пријавата во својство на сведок и издаде Наредба до БЈБ ОКП Сектор за економски криминал и корупција, како подносител на известувањето со насоки за обезбедување материјални докази – да се изврши криминалистичко – техничка обработка на телефони и да се обезбедат како доказ пораки од меѓусебна комуникација, да се обезбеди листинг за конкретни телефонски броеви преку телефонските оператори, да се утврди точен идентитет на вклучените лица и да се изврши разговор со нив по однос на релевантни околности. Предистражната постапка трае до обезбедување на доказите, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.
Основното јавно обвинителство Кочани постапува по повеќе пријави од две политички партии дека различни лица вршат притисоци, влијание и агитирање врз гласачи како да се изјаснат. За сите поднесени пријави оформени се предмети и дадени се наредби и насоки до ОВР Кочани за проверка на наводите. Доколку бидат обезбедени докази за кривично дело, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности.
Кочанското обвинителство, постапувајќи по кривична пријава, ги проверува и наводите дека една новинарска екипа од интернет портал извршила кривично дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г од Кривичниот законик.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево бил известен дека гласач на едно гласачко место го фотографирал ливчето, додека на друго гласачко место еден гласач искинал гласачко ливче. Се постапува за утврдување на фактите.
Јавното обвинителство продолжува да го следи процесот на гласање и постапува по сите сомненија за евентуално сторени кривични дела поврзани со локалните избори.