Соопштенија

Соопштение

Основното јавно обвинителство – Скопје, по обезбедена наредба од судија на претходна постапка од надлежниот суд, преку припадници на МВР вршеше претреси на повеќе локации, вклучувајќи и еден Универзитет, а со цел прибирање на релевантна документација, податоци и други предмети, кои ќе се користат како докази во кривична постапка.

Имено, до Државниот просветен инспекторат беа поднесени 20-тина претставки од студенти на Универзитетот, кои потекнуваат од Република Турција. Реакции имало и од Амбасадата на Република Турција во Скопје, а во врска со студирањето на одделни факултети за кои Универзитетот нема добиено акредитација или дозвола за работа од Министерството за образование и наука.

Во претресите извршени во координација со Министерството за внатрешни работи, од просториите на Универзитетот и приватни објекти на лица вработени во него одземени се компјутери, компјутерски податоци и друга многубројна релевантна документација.

Првичните сознанија на Обвинителството упатуваат на тоа дека на Универзитетот биле запишувани поголем број студенти на факултети за дентална медицина, козметологија и физиотерапија. Со проверка е утврдено дека оваа високообразовна институција не поседува дозвола за работа за Факултет за дентална медицина, додека за Факултет за козметологија и физиотерапија нема ниту дозвола, ниту акредитација.

За студентите кои биле запишувани да студираат на овие факултети во факултетската документација се водела паралелна евиденција – покрај онаа за коресподенција со студентите, друга за отчет пред државните институции.

Основното јавно обвинителство – Скопје продолжува со преземање на дејствијата со цел расветлување на овој предмет, каде постојат основи на сомневање дека преку злоупотреба на службена положба и измама е вршен финансиски криминал. Со цел да не се попречи работењето на Универзитетот и правото на студирање на студентите запишани на оние факултети за кои Универзитетот поседува акредитација и дозвола за работа, Обвинителството уште денеска, по преземени неопходни дејствија, ќе ја врати компјутерската опрема во оваа високообразовна институција.

Основното јавно обвинителство – Скопје со индигнација ги отфрла сите обвинувања и шпекулации за политички мотиви на своето постапување изнесени од лица кои се предмет на истрагата.