Соопштенија

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА

Основното јавно обвинителство – Скопје, по спроведена претходна постапка, а во врска со пријавата дека од Музејот на Македонија биле украдени 162 археолошки предмети, на ден 27.02.2014 година, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка

против лицата В.З, К-С.С, Ј.П, К.Ч, К.П, К.Ј, К.Д, Е.А поради постоење на основано сомневање дека во временскиот период од месец ноември 2011 година до крајот на месец октомври 2013 година, сториле повеќе кривични дела и тоа: „Присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ од чл.265 од Кривичниот законик, „Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од Кривичниот законик и „Несовесно работење во службата“ од чл.353-в од Кривичниот законик.

Основаното сомневање произлегува од досега прибавените докази, а особено од извршените претреси, одземените предмети и документација, поголем број на инвентарни книги, влезни и излезни книги, депојна книга, извештај од археолошки ископувања.

Основното јавно обвинителство – Скопје, како мерка за обезбедување присуство на обвинети за успешно водење на кривичната постапка, до надлежниот судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје I – Скопје, ќе поднесе образложен предлог за определување на мерка притвор.

ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА