Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески денеска оствари средба со Амбасадорот на Црна Гора во нашата земја Зоран Миљаниќ, со кого разговараше за досегашната интензивна соработка меѓу двете земји и можностите за нејзино унапредување.
Притоа, особено беше истакната одличната соработка меѓу црногорското и македонското обвинителство, како и можностите таа во иднина да биде уште поинтензивна, особено поради примерот што го дава Црна Гора и во однос на својот евроинтеграциски пат и посебно во реформите во правосудниот сектор.
Искуството на Црна Гора, пренесено од амбасадорот Миљаниќ, покажува дека без владеење на правото и соодветни ресурси за конкретни мерливи резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал, нема напредок во патот кон ЕУ.
Тој посебно ја нагласи важноста на исполнувањето на обврските од Поглавјата 23 и 24, како и важноста на статусот на јавните обвинители. Савески и Миљаниќ го поздравија изборот на нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како очекување дека ќе придонесе за нова динамика во борбата против високата корупција во нашата земја.