Соопштенија

Српски државјанин обвинет за обид за тешка кражба на автомобил

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Обвинителен акт против еден државјанин на Република Србија кој се товари дека се обидел да стори кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 2 во врска со став 1 точка 1 и во врска со член 19 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, кој немал регулиран престој во државава, на 20.02.2019 година на паркинг простор пред еден хотел во Скопје, се обидел да одземе туѓ подвижен предмет – автомобил Мерцедес, сопственост на оштетено правно лице. Тој со употреба на погодни предмети ги отворил вратите на возилото проценето на вредност од  1.875.750 денари и се обидел да го стартува. Притоа бил затекнат од три лица кои повикале полиција и  го спречиле во намерата.

Ценејќи дека и натаму постои опасност обвинетиот да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетото лице.