Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен предлог против еден државјанин на Република Србија за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 18 јуни, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Имено, на критичниот ден тој управувал со товарно моторно возило – влекач марка „Мерцедес Бенз/Акрос“ и приколка „Кассбохрер“ натоварена со четири моторни возила, сопственост на фирма од Р.Србија. Тој се движел по крајната лева сообраќајна лента на булеварот „Киро Глигоров“ и пристигнал на крстосницата со улицата „Индустриска“. Тогаш навлегол свртувајќи лево кон „Индустриска“ без да го почитува првенството на минување на возилата кои доаѓале по булеварот „Киро Глигоров“, иако бил свесен дека поради таквиот начин на управување може да настапи штетна последица.
Во тој момент во задниот десен дел од товарното возило и предниот десен дел од приколката бил удрен од моторцикл марка „Кавасаки Z-750“, управуван од лице од Скопје, кој се движел по крајната десна сообраќајна лента на булеварот „Киро Глигоров“, од спротивна насока. Од повредите здобиени во несреќата, возачот на моторциклот починал.
Надлежниот јавен обвинител до Судот достави и предлог за определување мерка притвор за обвинетото лице, кое по несреќата привремено беше сместено во Центарот за странци – Прифатен центар Скопје.