Соопштенија

Татко осомничен за запуштање и малтретирање на 14-годишната ќерка

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 45 – годишен државјанин на Босна и Херцеговина со привремен престој во Скопје за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Запуштање и малтретирање дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик.

Во периодот од септември 2022 до 28 март годинава, со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување, осомничениот ја запуштил и ја малтретирал сопствената ќерка. Како татко и единствен родител со кој живеело детето родено во 2008 година, тој редовно патувајќи во странство ја оставал својата ќерка сама, без соодветна родителска грижа и без обезбедена храна и хигиена во домот.

Кога ќе се врател од своите патувања, тој вршел психичко и физичко насилство врз детето, користејќи каиш и удирање како средство за нејзино воспитување, а во една прилика се обидел да ја прободе со нож. Осомничениот ја вработил 14-годишната ќерка во слаткарница за време на викенди, а остварениот приход ѝ го земал за да ги надомести сопствените долгови.

На 22 март девојчето се разболело само дома и не отишло на училиште, а осомничениот и се јавил од странство и ѝ се заканил дека  кога ќе се врати ќе ја претепа затоа што отсуствува. Ваквото однесување, кај жртвата прдизвикало постојан страв и стрес, како и чувство на напуштеност и на отсуство на родителска грижа.

Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности укажуваат на тоа дека осомничениот ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците или ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.​