Соопштенија

Три лица под истрага за изнуда

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против три лица, осомничени дека како соизвршители извршиле кривично дело – Изнуда од член 258 ст.1 в.в. со член 22 од Кривичниот законик.

Осомничените, во периодот од 13.12.2019 до 15.12.2019, заедно договорени, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, со  употреба на сила спрема едно лице од Битола ги присилиле неговите родители да им дадат паричен износ од 1600 евра.

Тие го држеле оштетениот затворен во стан во скопската општина Аеродром, го тепале со тупаници и предмети по главата и телото, го сечеле со жилет по грбот, па потоа му турале сол и парфем на раните.

Откако телесно го повредиле тие воспоставиле најпрво телефонска комуникација од телефонот на оштетениот, а потоа и видео повик со родителите и побарале од нив износ од 40.000 евра во замена за ослободувањето на нивниот син.

По неколкучасовни преговори, се согласиле мајката да им донесе првичен износ од 1.600 евра како дел од вкупниот износ од 40.000 евра кои ги барале. Согласно добиените инструкции, мајката парите ги донела во Скопје и ги оставила во возилото на нејзиниот син, марка Алфа Ромео, паркирано во Шуто Оризари.

Надлежниот јавен обвинител, со оглед на тоа што процени дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд Битола достави и предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени. Предлогот беше прифатен и судот со решение им определи притвор во траење од 30 дена.