Соопштенија

Велешанец осомничен за разбојништво во гостилница

Основното јавно обвинителство во Велес донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице на возраст од 21 година за кривично дело –  Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот велешанец, на 16 август во вечерните часови, на терасата од гостилница во Велес, се доближил до оштетениот кој седел сам и гледал телевизија. Најпрвин го удрил со тупаница во пределот на ребрата од десната страна, по што му ја тргнал столицата на која седел. Оштетениот паднал на земја, а осомничениот од задниот десен џеб му го извадил и одзел паричникот во кој имало 2.000 денари, банкарски картички и други документи, по што се дал во бегство.

Имајќи предвид дека осомниченото лице претходно е осудувано за истовидно кривично дело, безимотен е, има блиски роднини кои живеат во странство, а и доста често отсуствува од сопствениот дом, Основното јавно обвинителство Велес оцени дека постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и за повторување на кривичното дело. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка на Основен суд Велес достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.