Соопштенија

Во притвор разбојникот кој ограби казино во Гевгелија

Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице на 40-годишна возраст од Гевгелија поради постоење на основано сомневање дека сторил кривични дела  Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 и Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот во временскиот период од 12.10.2018 година до 22.02.2019 година неовластено држел преправено огнено оружје кое на граѓаните им е забрането и тоа ловечка пушка Збројовка Брно со кал.16 мм. и 8 ловечки куршуми со кал. 16 мм. На пушката претходно биле извршени  механички интервенции со кои и се скратени цевките и кундакот.

Со ова оружје осомничениот на  9 јануари околу 02.40 часот отишол во казино во Гевгелија каде откако влегол  преку споредниот влез маскиран со качулка  на главата го вперил оружјето кон касиерот.  При тоа осомничениот од фиоката која се наоѓала на работното биро и од касата ги одзел парите кои се наоѓале внатре во вкупен износ од 150.000,00 денари во различни апоени, истите ги ставил во најлонско кесе и преку споредниот влез излегол од касиното и заминал.

Основното јавно обвинителство Велес смета дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот и можности да ги повтори кривичните дела поради што до Судијата на претходна постапка на Основниот суд Велес предложи против осомниченото лице да се определи мерка притвор. Предлогот е прифатен и од страна на Судија на претходна постапка на осомничениот му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.