Соопштенија

За изнуда и лихварство под истрага две лица

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – Изнуда од чл. 258 ст.1 во врска со чл. 22 од Кривичниот законик. За едно од лицата постои основано сомневање дека сторило и кривично дело – Лихварство од чл. 260 ст.1 од Кривичниот законик.

Имено, во периодот од почетокот на годинава до ноември, едниот осомничен дал услуга на лице – сведок и оштетен во постапката, при што за себе договорил несразмерна имотна корист. Тој договорил да му позајми пари во висина од 20.000 евра, но со каматна стапка од 10% на месечно ниво. Посредник за зајмувањето и примањето на парите бил вториот осомничен.

Откако оштетениот не можел навреме да го намири долгот, двајцата осомничени од октомври започнале да изнудуваат пари од мајката на оштетениот, употребувајќи сериозна закана дека нејзиниот син ќе го убијат или тешко телесно ќе го повредат. Притоа, од неа барале парични средства во висина од 120.000 евра. На 18.11.2019 година, во еден трговски центар во Скопје, мајката се сретнала со еден од осомничените и му предала коверт со 60.000 денари. Осомничениот ги зел парите и веднаш бил лишен од слобода од страна на овластени полициски службеници. Другиот осомничен, против кого е поведена постапка и за лихварство, не е достапен на органите на прогонот.

Надлежниот јавен обвинител оцени дека и кај лицето кое беше лишено од слобода постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност тој да го повтори кривичното дело или да влијае врз сведоците или врз неговиот соучесник. Од тие причини, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот.