Соопштенија

Започната истражна постапка против царински службеник

Основното јавно обвинителство – Скопје во соработка со СВР Скопје – Одделение за економски криминал започна истражна постапка против едно лице, вработено на неопределено време како цариник во царинската испостава „Блаце“.

Осомничениот се товари дека на 08.10.2016 година во 06:50 часот на царинската испостава „Блаце“ побарал подарок од едно оштетено лице за да не изврши службени дејствија што морал да ги изврши согласно царинските прописи.

По претходен телефонски договор, двајцата оствариле средба во кафуле во еден трговски центар во Скопје и оштетениот му ги исплатил парите, при што осомничениот е фатен на лице место од овластени службени лица на МВР.
Осомничениот се товари дека сторил кривично дело Поткуп од член 357 ст.1 од Кривичниот законик за кое дело предвидена е казна затвор од 4 до 10 години.

До судија на претходна постапка, надлежниот јавен обвинител поднесе Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот, но судијата со Решение определи мерка – куќен притвор. На ваквата одлука Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе жалба.