Соопштенија

Жител на Свети Николе осомничен за илегално производство на марихуана

Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Имено, постои основано сомнение дека осомничениот жител на Свети Николе, во текот на 2021 година, на земјоделска површина во селото Стањевци, неовластено произвел наркотична дрога – марихуана. Во октомври годинава ја набрал, ја исушил и ја чувал во куќата во сопственост на неговиот татко. На 7 ноември, при претрес на куќата во Стањевци и помошните простории, полициските службеници пронашле вкупно 834,2 грама марихуана во повеќе различни пакувања, како и семки кои потекнуваат од растителниот род – канабис.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Основниот суд во Штип го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.​