Поднесено обвинение за настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија

Скопје, 27 Март 2018

Прес конференција – ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
27.03.2018

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по сеопфатна истражна постапка, прибрани докази и утврдени факти, денеска до надлежниот суд поднесе Обвинителен акт против 30 лица. Од нив, 28 лица се товарат за сторено кривично дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од чл.313 од Кривичниот законик, а две лица се гонат за помагање при вршење на истото кривично дело. За четири од осомничените лица постапката е прекината затоа што во моментов тие се недостапни на органите на прогонот. Обвинителството ќе ја продолжи постапката по нивното пронаоѓање. За едно лице постапката е запрена, бидејќи не се обезбедени докази за сторено кривично дело.

Обвинителството утврди дека обвинетите, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија, да оневозможат избор на Претседавач и Претседател на Собранието на Република Македонија, предизвикале акт на насилство, со што го загрозиле животот на пратеници, новинари, овластени службени лица и вработени во законодавниот дом и создале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните.

Имено, по спроведените опсежни истражни дејствија, надлежниот јавен обвинител обезбеди докази дека обвинетите извршувале повеќе поврзани и усогласени дејствија за мобилизирање на членството на неколку здруженија и други лица, за насилно влегување и вршење насилство во Собранието на Република Македонија. Обвинетите дејствувале од различни позиции и групи, но во содејство и координација, со иста заедничка цел, да се оневозможи натамошното функционирање на законодавниот дом и на пратениците од парламентарното мнозинство.

Со обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, меѓу останатите, се опфатени три лица, припадници на структурите на Министерството за внатрешни работи, кои како овластени службени лица биле носители на „златна“ и „сребрена“ команда. Тие, иако континуирано биле известувани дека животот им е загрозен на пратениците од новоформираното пратеничко мнозинство, новинарите, вработените и овластените службени лица во Собранието, не издале наредби за распоредување на дополнителни посебни и специјални полициски сили за внатрешно и надворешно обезбедување на Собранието тој ден. Овие обвинети не издале ни наредба за евакуација, со што овозможиле непречено да се вршат акти на насилство и директно придонеле непречено да се влезе во законодавниот дом и да се оствари целта на насилниот напад.

Во групата обвинети е и лице кое на 27 април преку телефонски повик во 14.30 минути, било известено да ја започне акцијата, по што заедно со уште неколкумина обвинети го мобилизирале членството од Скопје и други градови за насилен упад во Собранието, однапред знаејќи дека објектот на Собранието не е соодветно обезбедено и заштитено од полициските сили. Десетмина од обвинетите организирале поголема група луѓе на кои им делеле маски-фантомки и заедно со нив, по претходен телефонски повик во 18:58 минути, се упатиле кон зградата на Собранието.

Во обвинението се опфатени и лица кои биле учесници во друга група, како организатори на движењето „За заедничка Македонија“. Овие четворица обвинети ги повикале и ги повеле насобраните граѓани кон Собранието и со потпалувачки говори ја разгореле нетрпеливоста на насобраните граѓани. Поттикнатите граѓани, заедно со групата која носела маски-фантомки ја прескокнале заштитната ограда околу Собранието и се обиделе со туркање, удирање и кршење насилно да ја отворат влезната врата. Но, поради безбедносната заштита не успеале во тоа.

Во исто време, внатре во објектот на законодавниот дом, еден од обвинетите пратеници остварил телефонска комуникација со обвинето лице од групата која чекала пред вратата со што се утврдува и координацијата меѓу овие групи. По телефонската координација, сега обвинетите петмина пратеници заедно со тројца обвинети службени лица за обезбедување во Собранието, отвориле две влезни врати, со отстранување на металните заштитни греди и со тоа овозможиле влез на лицата со фантомки и на насобраните граѓани во законодавниот дом. Сега обвинетите лица од обезбедувањето ги насочувале останатите обвинети кон пленарната сала „Македонија“ и кон прес-салата во Собранието. Насобраната толпа и лицата со фантомки биле насочувани и од страна на уште двајца сега обвинети вработени во Собранието и од едно лице од Агенцијата за разузнавање.

Обвинетите, заедно со други непознати лица влегле во прес салата при што го започнале насилството, фрлајќи предмети кон пратениците од формираното парламентарно мнозинство и кон новинарите. Дел од обвинетите и физички ги нападнале присутните во пресконференциската сала, нанесувајќи тешки и лесни телесни повреди на поголем број пратеници.

Во прес центарот, додека траело насилството и нападот од страна на обвинетите, едно од обвинетите лица, се насочил кон оштетениот пратеник Зоран Заев, посегнал по пиштолот кој го носел со себе, но не испукал затоа што оштетениот бил заштитен од обезбедувањето и други присутни лица.

Обвинетите додека вршеле напад, ги користеле сите можни предмети до кои дошле за да нанесат физички повреди на оштетените пратеници и новинари, а поставиле и две импровизирани експлозивни направи под работните бироа во две канцеларии.

Додека траело насилството во Собранието на Република Македонија, двајца од обвинетите, припадници на МВР, помогнале во извршувањето на кривичното дело, така што одзеле два хард диска со цел да ги прикријат трагите и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад во Собранието.

Покрај за обвинетите, истрагата утврди дека во организацијата на настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија биле вклучени и одреден број засега непознати лица, за што во следниот период продолжуваат истражните дејствија со цел целосно расветлување на настанот.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска со поднесување на Обвинителниот акт, до судот достави и предлог за продолжување на мерките притвор и куќен притвор ценејќи дека сеуште постојат законските основи за нивното определување.

 

223 total views, 1 views today