Разбиена досега најголема организирана група на криумчарење мигранти

Скопје, 11 Јули 2017

Во рамките на својата надлежност и контунуирана борба против организираниот криминал и корупција, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на вчерашниот ден спроведе координирана акција со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија за сузбивањето на организираното криумчарење на мигранти, на подрачјето на повеќе населени места.

Преземени се дејствија за процесуирање на поднесената кривична пријава од страна на МВР на РМ против вкупно 23 лица. Меѓу осомничените има едно малолетно лице, а 4 лица се државјани на Република Албанија. Постои основано сомнение дека лицата сториле кривични дела – Криумчарење мигранти по член 418-б и Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти по чл.418-в од Кривичниот законик.

Против 22 лица е донесена Наредба за спроведување на истражна постапка и до Судијата за претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје е поднесен Предлог за определување на мерка – Притвор, а против малолетното лице до Судијата за деца при Основниот суд Скопје 1 – Скопје е поднесено Барање за поведување на подготвителна постапка со Предлог за определување мерка – Притвор.

Во моментот на 12 осомничени лица, достапни на органите на прогонот, им е определена мерка – Притвор во траење од по 30 дена, а на едно лице мерка – Куќен притвор. Другите 10 лица се во бегство и се преземаат мерки и дејствија за нивно пронаоѓање.

За понатамошниот тек на истрагата јавноста континуирано ќе биде известувана.

56 total views, 1 views today

ПОДНЕСЕНИ ОБВИНЕНИЈА ЗА НАСТАНОТ ВО ТУТУНСКА БАНКА

Скопје, 07 Јули 2017

По спроведување на детална и сеопфатна истражна постапка и утврдување на фактите во предметот за кривично правниот настан во Тутунска Банка, Основното јавно обвинителство – Скопје денеска до надлежниот Основен суд Скопје 1 – Скопје поднесе обвиненија со кои се опфатени 8 лица, заедно со предлог мерки за обезбедување присуство.

Обвинителството утврди дека во периодот од 31.03.2017 година до 08.04.2017 година, првите четворица обвинети опфатени во Обвинителниот акт, со умисла и во повеќе временски поврзани дејствија, искористувајќи ја својата работна позиција и познавање на процесите на работата во банката, противправно присвоиле парични средства во значителен износ од 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра. На 10.04 2017 била извршена кражба и на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра.

Надлежниот обвинител до судот достави Обвинителен акт против првите четворица, од кои за тројца и предлог за продолжување на мерката – притвор, а за едно лице во сила се веќе определени мерки на претпазливост. Првообвинетиот се гони за сторени кривични дела – Затајување од член 239 став 5 во врска со став 3 и 1 и во врска со член 45 што значи дека делото е сторено повеќе пати во низа како повеќекратно остварување на истото дело , како и за сторено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 3 од Кривичниот законик. Второто лице се товари за истите кривични дела – Затајување и Тешка кражба, но во врска со член 24 од Кривичниот законик, односно за помагање. Третиот обвинет со Обвинителниот акт се товари за кривичното дело – Тешка кражба со помагање, додека пак четвртото лице е обвинето за кривичното дело – Затајување во врска со член 22 од Кривичниот законик, односно за соизвршителство.

За кривичното дело – Тешка кражба од член 236 став 3, што се однесува на предмети во вредност од големи размери, пропишана е затворска казна од 3 месеци до 10 години. За кривичното дело од член 239 став 5 – Затајување, законикот пропишува затворска казна од една до 10 години.

Надлежниот обвинител кој постапува во предметот денеска до судот достави и Обвинителен предлог против останатите четворица, на кои како одговорни лица во банката врз основа на општ акт, со посебно овластување им биле доверени определен круг на работи, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа го овозможиле противправното присвојување на паричните средства во горенаведениот износ. Две лица сториле кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353 став 5 во врска со член 45 од Кривичниот законик, што предвидува вршење кривично дело од продолжен вид, додека другите двајца се товарат за истото кривично дело – Несовесно работење во службата, но за негово еднократно сторување. За едно од лицата опфатени со Обвинителниот предлог, определените мерки на претпазливост остануваат во сила.

Согласно Кривичниот законик, предвидена казна за ова кривично дело е затвор од 6 месеци до три години, како и задолжително изрекување и на парична казна за сторителите.

Во текот на досегашната постапка, по предлог на надлежниот обвинител беа од судот определени мерките – Забрана на финансиски трансакции од член 200 став 7 и 8 во врска со став 1 од Кривичниот законик кои исто така остануваат во сила. Со поднесување на обвиненијата, обвинителството достави и Посебен предлог за привремено одземање на имот заради обезбедување против едно лице опфатено со Обвинителниот акт. Предлогот се однесува на забрана за отуѓување, ставање хипотека и на друг начин располагање со недвижен имот кој обвинителството детално го наведе во обвинението, како и забрана за располагање со подвижни предмети во сопственост на обвинетото лице.

64 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го предаде предметот „Сопот“ на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите

Скопје, 05 Јули 2017

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапувајќи по барањето на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, за предавање на кривичниот предмет КО.бр.42/08 познат во јавноста како „Сопот“, побара од Советот на јавните обвинители на Република Македонија да се произнесе дали барањето е законско дејствие на јавниот обвинител кој раководи со тоа обвинителство. Дотолку повеќе што надлежноста дефинирана во чл.2 ст.1 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникации каде што како неовластено следење на комуникации е „неовластеното следење на комуникациите извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година, вклучително но не и ограничено на аудио снимки и транскрипти поднесени до тоа обвинителство пред 15 јули 2015 година“. Со оглед на тоа што кривично правниот настан е случен пред 2008 година, поточно во 2003 година, ОЈО ГОКК сметаше дека предметот што се бара не е поврзан и не произлегува од содржината на неовластеното следење на комуникациите.

По добиеното писмено Известување од Советот на јавните обвинители на Република Македонија од 04.07.2017 година, во кое нема донесена децидна одлука дали да се предаде предметот, туку дека „ќе треба самостојно да одлучи дали наведениот предмет ќе го достави до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, ОЈО ГОКК одржа Колегиум на јавните обвинители. На Колегиумот се заклучи предметот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција познат во јавноста како „Сопот“, што е во фаза на првостепена судска постапка пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје, со неговите списи, да се достави до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за да истото се произнесе дали врз него ќе воспостави надлежност.

Предметот до ова јавно обвинителство е доставен денес.

170 total views, 2 views today

Соопштение

Скопје, 29 Јуни 2017

Во врска со наводите изнесени на денешната пресконференција на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека предметот кој во јавноста е познат како „Монструм“ е во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Предметот до овој момент воопшто не бил побаран ниту од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, ниту од страна на Советот на јавни обвинители. Овој предмет се наоѓа во архивата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

67 total views, 2 views today

Наредена истрага против осомничени за хеликоптерската несреќа кај Струмица

Скопје, 28 Јуни 2017

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица издаде Наредба за спроведување на истражна постапка против три осомничени лица за хеликоптерската несреќа што се случи на 10 јули 2014 година, кога се урна хеликоптер тип МИ 17 В5 со регистарска ознака МАП 7712, во сопственост на МВР Скопје, во кој загинаа четворица полициски пилоти.

Бројните прибрани докази и извршени анализи до овој момент укажуваат на основано сомнение дека лицата извршиле кривично дело – Тешки дела против општата сигурност од чл.292 ст.2, а во врска со чл.288 од Кривичниот законик.

Надлежниот јавен обвинител и во текот на истрагата ќе продолжи да прибира податоци и докази, како и да сослушува сведоци кои ќе помогнат за целосно расветлување на случајот. Ќе бидат сослушани и осомничените лица.

За потсетување, веднаш по хеликоптерската несреќа, на 10 јули 2014 година јавниот обвинител изврши увид на лице место, при што беа издадени наредби:

- за скицирање, фотографирање и снимање на местото на несреќата со беспилотно летало,

- за земање отпечатоци од прсти од четирите тела пронајдени на местото на несреќата,

- за обдукција на четирите тела,

- за вештачење на примероци од урина и крв земени од контролорите на лет вработени во МВР на РМ Скопје,

- за изработка на геодетски елаборат за ситуацијата на местото на несреќата и изработка на теренска скица со премерување,

- за вештачење на системот за светлосно означување на антенскиот столб од среднобранов радиопредавател со висина од 120 метри сопственост на ЈП Македонска радиодифузија Скопје, како и за анализа на електричното напојување и исправноста на сигналните светилки поставени на столб,

- за анализа на траги од боја подигнати на лице место од антенскиот столб и од задната елиса на хеликоптерот,

-за одземање на аудио и видео снимка на случувањата на хеликоптерската несреќа од мобилен телефон на физичко лице и одземање на видео снимките од безбедносни камери поставени на објекти во непосредна близина на местото на несреќата,

- за подигање примероци од уље и горива од главниот редуктор, меѓуредуктор, радијатор за ладење, опашен ротор, носечки ротор, опашен редуктор, ладилник од главен редуктор и страничен резервоар сите од урнатиот хеликоптер заради вештачење.

- за подигање, идентификување, класирање и пакување на сите остатоци од хеликоптерската несреќа.

- за вештачење на мобилни телефонски апарати сопственост на загинатите пилоти пронајдени на местото на несреќата.

Извршени беа разговори со претставници на противпожарната служба кои први пристигнале на местото на несреќата како и со повеќе лица очевидци на хеликоптерската несреќа. По сите Наредби издадени од надлежниот јавен обвинител надлежните институции постапија и доставија конкретни извештаи, кои претставуваат основа за наредената истрага.

79 total views, 1 views today

Јавен обвинител врши увид на две локации каде се пронајдени четири починати лица

Скопје, 25 Јуни 2017

Увидни екипи раководени од дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје вршат увид во куќа  во Ѓорче Петров, каде што претпладнево биле пронајдени телата на две починати лица.

Веднаш по завршувањето на увидот, екипите ќе се упатат кон селото Глумово, каде што се пронајдени телата на уште две лица. Според првичните информации, двата настани се поврзани, а сите починати лица биле во крвно сродство. Исто така, првичните сознанија на истрагата укажуваат дека меѓу починатите лица е и едно за кое постои сомнение дека ги лишило од живот останатите, пред да си го одземе животот.

Во настаните уште едно лице е повредено. Тоа е хоспитализирано и врз него е извршена хируршка интервенција.

Во меѓувреме, до увидот, локацијата во селото Глумово се обезбедува со полициски екипи.

Јавниот обвинител издаде наредби за прибирање на сите траги и материјални докази пронајдени на лице место, кои подоцна ќе бидат испратени на вештачење. Телата на починатите лица ќе бидат предадени на обдукција. Интензивно се работи на расветлување на настанот и утврдување на мотивите.

 

67 total views, 1 views today

Соопштение

Скопје, 20 Јуни 2017

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека во постапувањето по предистражниот предмет оформен во врска со настаните во Собранието на Република  Македонија од 27-ми април 2017 година, започна со повикување на граѓани заради прибирање на потребни известувања.

Во наредните денови тимот на јавни обвинители кој постапува по овој предмет во континуитет ќе повикува лица заради прибирање на потребни известувања, а ќе презема и други дејствија на прибавување на писмени известувања, докази и нивно проучување.

Обвинителството појаснува дека постапката по овој предмет е предистражна, што значи дека се прибираат докази заради оцена дали во настанот кој се истражува има дејствија и обележја на кривични дела и кои се нивните извршители, по што ќе се донесе јавнообвинителска одлука дали има основано сомневање за отворање на истрага.

Во секоја фаза од кривичната постапка, па така и во предистражната каде спецификата е посебно во тоа што се уште не се издиференцирани својствата на лицата кои се учесници во одреден настан, јавното обвинителство води сметка за почитување на личноста и пресумцијата на невиност на секое лице.

Лицата кои се повикани и кои ќе бидат повикувани во оваа фаза од постапката, се повикуваат според законските правила за повикување и испитување на сведоци за да како граѓани на барање на јавниот обвинител дадат известувања коишто им се познати за одреден настан.

Обвинителството го разбира зголемениот медиумски интерес, но почитувајќи ги напред кажаните законски и етички норми, не може да даде податоци за повиканите лица во смисла на тоа дали истите се носители на јавни или други функции, работни места и слично.

Ќе бидат повикани сите лица без оглед на нивниот личен, општествен статус или положба,единствено само врз основа на еден критериум – дали за лицата има докази од кои произлегува дека истите би можеле во оваа оваа фаза од постапката да дадат известувања за утврдување на околностите поврзани со конкретниот настан.

За натамошниот тек на постапката, јавноста континуирано ќе биде известувана.

134 total views, 1 views today

Поднесено обвинение против лице кое фалсификувало исправи

Скопје, 19 Јуни 2017

Основното јавно обвинителство - Скопје поднесе обвинение против едно лице за сторени кривични дека  – Фалсификување исправа од член 378 и – Изработување и набавување на оружја и средства наменети за извршување на кривично дело од член 395 од Кривичниот законик.

Лицето се товари дека со умисла извршило повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело – Фалсификување на исправа. Имено, во периодот од 2012 до 2017 година осомничениот изработувал разни јавни исправи со невистинита содржина и тоа, лични карти, возачки дозволи, свидетелства за завршено средно образование, судски решенија, пресуди, договори за купопродажба на моторно возило, медицинска документација и слично. Исправите ги изработувал на лажни обрасци, како да се издадени и заверени со печат и потпис од  државни и јавни  институции од државата.  Целта била фалсификуваните јавни исправи натаму да се користат од страна на наши државјани и  странци, како вистинити во правниот промет во Република Македонија и во странство.

По предлог од надлежен јавен обвинител, судечки судија од Основниот суд Скопје 1 - Скопје донесе Решение со кое на обвинетиот му ја продолжи мерката притвор.

 

95 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје побара притвор за лице кое фалсификувало исправи

Скопје, 12 Јуни 2017

По примена кривична пријава , Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за сторени кривични дека  – Фалсификување исправа од член 378 и – Изработување и набавување на оружја и средства наменети за извршување на кривично дело од член 395 од Кривичниот законик.

Осомничениот откако набавил предмети – соодветна опрема за кои знаел дека се наменети за извршување на кривично дело со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело – Фалсификување на исправа. Имено, во периодот од 2012 до 2017 година осомничениот изработувал разни јавни исправи со невистинита содржина и тоа, лични карти, возачки дозволи, свидетелства за завршено средно образование, судски решенија, пресуди, договори за купопродажба на моторно возило, медицинска документација и слично. Исправите ги изработувал на лажни обрасци, како да се издадени и заверени со печат и потпис од  државни и јавни  институции од државата.  Целта била фалсификуваните јавни исправи натаму да се користат од страна на наши државјани и  странци , како вистинити во правниот промет во Република Македонија и во странство.

Надлежен јавен обвинител од Основното  јавно обвинителство Скопје  до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за осомничениот. Судот со Решение го потврди предлогот и на осомничениот му изрече мерка притвор во времетраење од осум дена.

110 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство – Прилеп ја истражува сообраќајната несреќа во која животот го загуби едно лице

Скопје, 08 Јуни 2017

На ден 07.06.2017 година околу 16,20 часот случена е сообраќајна незгода на патот Прилеп-с.Присад, помеѓу ПМВ марка Фолксваген Пасат управувано од жител на Прилеп и ПМВ марка Лада 1600 управувано од сега починатиот. Во несреќата животот го загуби возачот на Ладата, жител на Прилеп на возраст од 36 години.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Прилеп изврши увид на лице место заедно со екипа од крим-техника при МВР ПС Прилеп, издадени се наредби за подигање и обезбедување на траги и предмети кои можат да послужат како доказ. Издадена е и наредба за обдукција врз телото на починатиот за утврдување на причините за смртта.

146 total views, 1 views today

Page 3 of 4712345...102030...Last »