Соопштенија

Вкупно 25 лица обвинети за непочитување на здравствените прописи во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе 20 предлози за издавање казнени налози со кои се опфатени вкупно 25 лица обвинети за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Двајца од обвинетите не ја почитувале наредбата за задолжителна самоизолација. Останатите, пак, биле затекнати во прекршување на полицискиот час, односно во одделни кривично-правни настани постапиле спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија.

Надлежните јавни обвинители на Основниот кривичен суд Скопје му предложија за сите обвинети да изрече парични казни од по 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.