Соопштенија

Поведена постапка против 38 непочитувачи на полицискиот час во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе 24 предлози за издавање казнени налози со кои се опфатени вкупно 38 лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите се товарат дека не постапиле согласно Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија, па за време на полицискиот час биле затекнати како се движат на различни локации во градот.

Обвинителството за сите обвинети предложи парични казни – по 100 дневни глоби при што вредноста на една дневна глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противвредност.