Соопштенија

Извршен увид на местото на тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп, заедно со екипа на крим-техника од МВР ОВР Прилеп, извршија увид на патот Прилеп – Битола, каде вчера во попладневните часови се случи сообраќајна несреќа во која едно лице го загуби животот, а едно беше потешко повредено.

Според првичните сознанија, во несреќата учествувале три возила – Фиат Дукато со прилепски регистарски ознаки, Ауди А8 со бугарски регистарски ознаки и Фиат Добло со прилепски регистарски ознаки.

Во незгодата животот го загуби сопатничка во возилото Фиат Добло, на возраст од 36 години. Сопатникот во возилото Ауди А8, на возраст од 19 години, најпрвин бил хоспитализиран на одделението за интензивна нега во болницата во Битола, а потоа поради сериозноста на повредите е префрлен на Клиничкиот центар во Скопје.

Веднаш по извршениот увид, јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување траги и предмети кои можат да послужат како доказ за утврдување на причините за несреќата, како и наредба за обдукција врз телото на починатата.