Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески денеска прими делегација на Европравда, предводена од потпретседателката на оваа организација Маргарита Шниутите – Догелине која престојува во посета на земјава.
Во рамките на посетата, претставниците на Европравда пред Јовески го изложија најновиот проект на ЕУ имплементиран од Европравда, кој предвидува поддршка за земјите од Западен Балкан во истражувањето на организираниот криминал. Проектот започна да се применува од септември, ќе трае четири години и со него се опфатени шест земји од Западниот Балкан.
Шниутите – Догелине го запозна Јовески со можностите што ги нуди овој проект, кој во основа е оперативен и опфаќа директна поддршка во постапувањето по конкретни предмети кои вклучуваат прекугранична соработка меѓу земјите од регионот со формирање заеднички истражни тимови или преку паралелни истраги во неколку различни земји.
Јовески изрази подготвеност Јавното обвинителство на Република Северна Македонија активно да се вклучи во овој проект. „Јавното обвинителство и до сега, но и во иднина останува во целост отворено за соработка и со Европравда и со другите земји од регионот. За таа цел ние веќе имаме потпишано и меморандуми за соработка со повеќето земји од регионот, но и пошироко, а овој проект само дополнително ќе ја олесни таа размена на информации меѓу нас и ќе ги забрза постапките“, рече Јовески.