Како резултат на кратка предистражна постапка и успешно реализирана акција што вчеравечер под координација на јавен обвинител од ОЈО ГОКК ја спроведе Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, денеска е донесена Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице. Врз основа на досега обезбедените докази и поднесената кривична пријава на лицето му се става на товар дека сторило кривично дело „Примање поткуп“.
Осомничениот, во период од 5 овој месец до вчера, како службено лице – директор на Државниот инспекторат за земјоделство, директно побарал значителна имотна корист за себе за да „изврши службено дејствие што би морало да го изврши“ вршејќи притисок врз службени лица да не се одобри увоз на стока на правно лице, иако истата многупати претходно била увезувана. Како оправдание на шпедитерот му било истакнато дека стоката што требало да се увезе не е во согласност со законските прописи. Како резултат на притисоците стоката повеќе денови стоела на граничен премин, па откако оштетениот побарал образложение за забраната, осомничениот започнал дејствие на барање на поткуп.
На 13.03.2026 година бил одобрен влез за стоката на друг граничен премин, а осомничениот на средба со шпедитерот и оштетениот увозник директно побарал поткуп за одобрениот увоз и за идните увози, при што побарал првата рата од 50.000 евра да му биде дадена до вчера, а останатите две рати во деновите што следат. Откако оштетениот ги предал парите на шпедитерот кој требало да биде посредник при исплата на ратите, шпедитерот вчеравечер се сретнал со осомничениот и извршиле примопредавање на паричните средства, по што осомничениот е лишен од слобода од страна на полициски службеници.
Сознанијата со кои располага Обвинителството и досега обезбедените докази, укажуваат на околности дека е оправдан предлогот што јавниот обвинител го достави до Основниот кривичен суд Скопје за определување на мерка притвор за осомничениот.