Основното јавно обвинителство -Скопје по спроведената истражна постапка и прибирање на сите докази, денеска до надлежниот Основен суд Скопје 1 -Скопје поднесе обвинителен акт со предлог за продолжување на мерка – Притвор против едно лице за сторени кривични дела Убиство од чл.123 ст.1 в.в. со чл.19 од Кривичниот законик, Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од 396 ст.1 и Насилство од чл.386 ст.3 в.в со ст.1 од Кривичниот законик.
Поднесен е и обвинителен предлог против друго лице кое учествувало во настанот за кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста од чл.383 ст.2 в.в со ст.1 од Кривичниот законик. Против ова лице претходно се определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на територија на Град Скопје, обврска обвинетиот да се јавува повремено на службено лице во Основниот суд Скопје 1 – Скопје и привремено одземања на патна исправа.
Настанот за кој се обвинети лицата се случи на деветти ноември минатата година во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Скопје, во Одделението за дигестивна хирургија, кога во лекарската соба беше пукано на доктор – хирург што претходно оперирал пациентка и истата починала. Прво обвинетиот со огнено оружје – пиштол испукал седум проектили при што на докторот му нанел три прострелни рани во пределот на левата нога. Во настанот биле загрозени и други вработени лица во болницата, како и едно лице од обезбедувањето на Клиниката, а бил оштетен и инвентар на Одделението.