Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица поведе постапка против едно лице, кое се сомничи дека е сторител на кривично дело Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
По дојава за пронајдено тело во с. Барбарево, општина Ново Село, на лице место беше извршен увид од страна на јавен обвинител и екипа на СВР Струмица. По наредба на обвинителството повикани се стручни лица од Институтот за судска медицина кои констатираа траги од насислтво врз починатата жена, како причина која довела до настапување на смртта. Утврдено е дека починатото лице е жителка на селото, родена 1943 година. Во насока на откривање на сторителот и доказите во предметот, јавниот обвинител презеде бројни истражни дејствија. Издадена е Наредба за обдукција на телото, за собирање на траги од лице место и други потребни вештачења.
По преземените дејствија е откриен и сторителот на кривичното дело. Станува збор за педесет и едно годишен жител на селото, кој со сега починатата жртва бил во сватовска роднинска врска.
Обвинителството ценеше дека се исполнети основите кои ги налага законот, па до судија на предходна постапка при Основниот суд Струмица предложи определување на мерка притвор за осомничениот.