Вчера во попладневните часови, во дворот на Основното училиште „Фан Ноли” во с. Палатица – Општина Желино ученик во седмо одделение се здобил со прострелна рана и е во животна опасност.
Настанот се случил кога 17 годишник од Скопје со пријавен престој во с. Палатица истрелал куршум кон седмоодделенецот. Детето поради сериозноста на повредите е пренесено во Ургентниот центар во Скопје, врз него е извршен оперативен зафат и се наоѓа во животна опасност.
Во соработка со Центарот за социјални работи од Тетово, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство – Тетово до Судија за деца при Основниот суд во Тетово достави предлог мерки за обезбедување на сторителот на кривичното дело – Убиство од чл.123 ст.1 во врска со чл.19 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство – Тетово ги презема сите неопходни мерки и активности за расветлување на случајот.
ДОПОЛНУВАЊЕ :
По сослушување на осомничениот малолетник, поднесено е барање за поведување подготвителна постапка против него и согласно чл.117 ст.1 и 2 од Законот за правда на деца, а во врска со чл.165 ст.1 т.1 од Законот за кривична постапка, надлежниот обвинител од основното јавно обвинителство – Тетово до судијата за деца достави предлог за определување на мерка – Притвор. Судијата постапувајќи по предлогот со решение на осомничениот му определи мерка – Притвор во траење од 30 дена.