Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани издаде Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице – полициски службеник на кој му се става на товар дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 од Кривичниот законик.
Врз основа на претходни сознанија и примена на посебни истражни мерки, на 11 овој месец во Кочани по наредба на јавен обвинител од страна на Министерството за внатрешни работи е спроведена акција во која е фатен полициски службеник при продажба на 26,2 грама дрога – марихуана. Осомничениот е задржан во Полициската станица во Кочани и во текот на вчерашниот ден е изведен пред Судија на претходна постапка.
Имајќи ги во предвид околностите, тежината на кривичното дело и запретената казна од три до десет години затвор, надлежниот јавен обвинител оцени дека се исполнети условите за определување на мерка притвор од член 165 став 1 т.1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка. Од тие причини, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Кочани во текот на вчерашниот ден, јавниот обвинител поднесе Предлог за определување мерка – Притвор кој е прифатен и со Решение на осомничениот му е изречен притвор во траење од 30 дена.