Соопштенија

Македонското и косовското обвинителство ќе соработуваат во борбата против организираниот криминал и против тероризмот

Јавното обвинителство на Република Македонија и Канцеларијата на Државниот обвинител на Република Косово денеска во Приштина потпишаа Меморандум за разбирање, со кој договорија тесна соработка во борбата против организираниот криминал и поврзаните кривични дела, вклучувајќи го и перењето пари и борбата против тероризмот.

Меморандумот е прв документ од ваков вид договорен со Република Косово, а го потпишаа државниот јавен обвинител на Република Македонија г-дин Марко Зврлевски и в.д. главниот државен обвинител на Република Косово г-дин Суле Хоџа. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Косово, г-дин Илија Страшевски.

Со документот се предвидува соработката да се остварува преку размена на информации и документи, преземање мерки за ефективно и брзо извршување на сите барања за екстрадиција, како и правосудна соработка и правна помош во однос на кривичните дела поврзани со организиран криминал и тероризам.

Република Македонија и Република Косово ќе назначат и посебни јавни обвинители кои ќе бидат одговорни за имплементација на соработката меѓу двете обвинителства. Меморандумот за разбирање влегува во сила веднаш и ќе важи три години, со можност за обновување.

Претходно, Јавното обвинителство на Република Македонија има потпишано мултилатерален Меморандум за разбирање за регионална соработка во борбата против организираниот криминал со обвинителствата на Република Албанија, Република Босна и Херцеговина, Република Хрватска, Република Србија и Република Црна Гора.

На билатерално ниво, меморандуми за соработка се потпишани и со Националното биро за борба против мафијата на Република Италија, Врховното државно тужителство на Република Словенија, Државното тужителство на Република Хрватска, како и со јавните обвинителства на Албанија, Србија и Црна Гора.

Со сите меморандуми се предвидува координација на истрагите во транснационалниот криминал, размена на искуства, аналитички материјали и статистички податоци, како и заедничка обука.