Соопштенија

Доживотна казна затвор за тројното убиство во Дебар

По поднесен Обвинителен акт од Основното јавно обвинителство Гостивар и завршување на главната расправа, Основниот суд во Гостивар донесе првостепена пресуда со која ја осуди обвинетата Б.П. на доживотна казна затвор за сторени три кривични дела – Убиство.

За еден од обвинетите помагачи е изречена затворска казна од 10 години, а за вториот е изменето кривичното дело, па по одлука на Судот, постапката за овој обвинет ќе продолжи за сторено кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик. Гостиварското обвинителство е незадоволно од одлуката на судот за двајцата обвинети кои го помагале извршувањето на убиството, па во тој дел од пресудата ќе биде поднесена жалба.

Доживотната казна затвор за сторителката на кривичното дело убиство следи по сеопфатна истражна постапка во која обвинителството обезбеди докази, а со кои во тек на судењето докажа дека првообвинетата, сега осудена, на 26.08.2018 година, во семејната куќа во Дебар, пукајќи од непосредна близина со пиштол со калибар 7,65мм најпрвин ги лишила од живот сопствените мајка и татко, а потоа и малолетната сестра. Еден ден пред извршувањето на кривичното дело, осудената телефонски контактирала со второосудениот и се сретнала со него во Гостивар. Тој изнајмил возило и заедно се упатиле кон Дебар за да набават оружје. Истиот ден, во близина на градската болница во Дебар, се сретнале со третообвинетиот, кој им обезбедил пиштол и рамка со пет куршуми. По извршувањето на кривичното дело, осудената се упатила во Струга, каде се сретнала со второосудениот и му ги дала клучевите од изнајменото возило да го врати во Гостивар, по што таа со такси отишла на аеродромот во Скопје од каде со авион заминала за Република Италија.